“НЕУТРАЛНОСТ, МИР!“ – Невидена сцена од австрискиот парламент: Додека Володимир Зеленски зборуваше, повеќе од 20 пратеници си заминаа!
Повеќе од 20 претставници на екстремно десничарската „Партија на слободата“ (FPÖ) демонстративно го напуштија австрискиот парламент за време на говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Политичарите од „Партијата на слободата“ (FPÖ) сметаат дека говорот на Володимир Зеленски ја нарушил неутралноста на Австрија, објави BBC.
Пред да се обрати украинскиот претседател пред парламентот, претставниците на FPÖ предупредија дека ќе одржат некаков протест. На клупите зад себе оставија плакати со партиското лого на кои пишуваше „неутралност“ и „мир“.
Од 1955 година, Австрија има постојана неутралност запишана во нејзиниот Устав, имајќи предвид дека Виена беше ослободена од Црвената армија во 1945 година. Русите се повлекоа под услов Австријците да гарантираат дека ќе останат неутрални. Затоа Австрија никогаш не влезе во НАТО, а стана членка на Европската унија релативно доцна, во 1995 година. Во нивниот Устав пишува дека – „Австрија никогаш нема да се приклучи на ниту еден воен сојуз во иднина, ниту да дозволи формирање на воени бази на странски земји на нејзина територија“.
Денес Австрија воено не и помага на Украина, но дава политичка поддршка. Во видео обраќање, Володимир Зеленски се заблагодари на Австрија за хуманитарната помош и помошта за отстранување на поставени мини. Тој зборуваше на 400-тиот ден од руската инвазија. Тој ги покани претставниците да дојдат во Украина и сами да се уверат каква е ситуацијата.
„Партијата на слободата“ во неколку наврати предизвикува бес поради нејзиниот проруски став. Со 30 претставници тие се третата по големина партија во австрискиот парламент.
Додека беа во Владата, одлуката на министерката за надворешни работи Карин Кнајсл од партијата да го покани претседателот Владимир Путин на нејзината свадба во 2018 година предизвика многу критики.