“НЕ Е ПРАШАЊЕ ДАЛИ, ТУКУ КОГА“ – Директорот на СЗО со драматично предупредување до светот: “Ќе се појави нова пандемија, мора да бидеме спремни“
Во иднина неизбежно ќе се појави нова пандемија и меѓународната заедница треба да се подготви да одговори на таа закана, предупреди претходниот ден генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Следната пандемија не е прашање дали, туку кога ќе се случи. И не можеме да си дозволиме да ги повторуваме грешките од минатото. Затоа земјите-членки на СЗО преговараат за нов договор во врска со пандемијата и измените на Меѓународните здравствени регулативи, со цел да се зајакне правната рамка за глобален одговор на пандемии“, вели Тедрос Аданом Гебрејесус во видеото објавено на социјалната мреѓа Х (Твитер).
Тој, исто така, ги повика сите да ги поддржат овие преговори со цел навремено завршување од страна на Светското здравствено собрание во 2024 година.
„За доброто на идните генерации, не смееме да се вратиме на стариот циклус на паника и запоставување што го остава нашиот свет ранлив“, нагласува Тедрос Аданом Гебрејесус.
Секоја година делегации од сите земји-членки на СЗО се среќаваат на собрание во Женева.
77. Светско здравствено собрание е предвидено да се одржи од 27. мај до 1. јуни 2024 година.