Нов удар за германската економија и буџет: Градежништвото во сериозна криза, сè повеќе откажани проекти

Сè повеќе проекти во Германија пропаѓаат поради повисоките каматни стапки и зголемените трошоци за изградба, се наведува во извештајот на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.

Последниот извештај на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, кој беше објавен денеска, покажа дека изградбата на станови во Германија е  сериозно намалена. Во октомври, 22,2 отсто од анкетираните германски компании ангажирани во изградба на станови објавија дека некои од нивните проекти се откажани, што претставува зголемување во споредба со септемвриските 21,4 отсто, според ИФО.

„Ситуацијата се влошува. Сè повеќе проекти пропаѓаат поради повисоките камати и зголемените трошоци за изградба“, рече шефот на истражувањето Клаус Ворабе и додаде дека има сè помалку нови работни места и дека бројот на невработени лица постојано се зголемува.

Според веб-страницата на Институтот во Минхен, во октомври 48,7 отсто од компаниите во Германија пријавиле недостаток на нарачки за изградба на станови. Пред една година, во октомври 2022 година, 18,7 отсто од германските компании за изградба на станови ги имале овие проблеми.

„Речиси половина од сите градежни компании кои градат станови сега страдаат од недостиг на нарачки, а овој број расте секој месец. Оваа ситуација им се заканува на некои компании. Една од десет компании рече дека имаат финансиски тешкотии“, коментира Волрабе.

Според него, станбената индустрија во Германија се подготвува за тешки времиња и нивните очекувања за иднината се на многу ниско ниво.

Стапката на невработеност е на рекордно ниско ниво, има сè помалку огласи за вработување

Запирањето на градежништвото не е единствениот проблем што ја притиска Германија. Стапката на невработеност се зголеми од 5,7 отсто во септември на 5,8 отсто минатиот месец – највисокото ниво на невработеност во некогаш најсилната економија на Европската унија од јуни 2021 година, пишува Фајненшл тајмс.

„Стапката на отпуштања во Германија почна малку да се зголемува, но од најниското ниво што некогаш сме го виделе. Почнуваме да ги гледаме ефектите од минатогодишниот пораст на цените на енергијата“, рече Енцо Вебер, раководител на истражување во Нирнбершкиот институт за Истражување на пазарот на трудот.

Стапката на невработеност во Германија се зголеми од 5 проценти во март 2022 година, веднаш откако Русија ја започна својата инвазија на Украина. Агенцијата соопшти дека пристигнувањето на повеќе од еден милион украински бегалци во Германија додала 0,4 процентни поени на нејзината стапка на невработеност.