Јавното обвинителство соопштува дека обвинителите од тимот што ја води предистражната постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а други 195 беа повредени, континуирано преземаат повеќе истражни дејствија за обезбедување докази, додека ваквите дејствија, кои опфаќаат распити, разновидни вештачења и разновидни институции, се во обемни анализи.
Но, за да се зачува тајноста на постапката и да се спречи компромисот на доказите, Обвинителството нагласува дека засега не може да даде повеќе детали за активностите.
„Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Во истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, додека истражна постапка е во тек и против седуммина полициски службеници од Полициската управа Штип и од Полициската станица Кочани.
Тимот на јавни обвинители што работи на овој предмет, како што претходно беше соопштено, работи на активности кои опфаќаат распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и релевантни вештачења од повеќе области“, велат од Обвинителството.
Инаку, во врска со барањето на опозициската СДСМ за формирање истражна комисија за трагедијата во Кочани и барањето на ДУИ во истрагата да се вклучат и странци, премиерот Христијан Мицкоски завчера изјави дека „не бегаат од ниту една истражна комисија, туку би сакале да ја прошират и на други предмети освен во Кочани“.