ОБЈАВЕНИ ДОКУМЕНТИ ОД ТАЈНИОТ РУСКИ ПЛАН! Оваа земја е следна на мета: Вклучена е и православната црква а има само една цел!
Руската безбедносна служба креираше таен план за дестабилизација на Молдавија под името „Стратешки цели на Руската Федерација во Република Молдавија“.
Во тајниот план се наведува дека за постигнување на оваа цел ќе бидат искористени православната црква, заканите за испорака на гас и поддршката на проруските групи.
Се чини дека документот е составен за да се спречи наклонетоста на Молдавија кон Запад, што вклучува поблиски односи со НАТО и пристапување во Европската унија. Во документот постојано се споменува важноста да се спречи Молдавија да влезе во НАТО.
Документот наводно бил напишан во 2021 година а до истиот стигнал и CNN. Документот поставува десетгодишна стратегија за доведување на Молдавија, поранешна советска република лоцирана меѓу Украина и Романија, во сферата на влијание на Русија.
Планот вклучува Молдавија да биде зависна од увозот на руски гас и поттикнување социјални судири, како и обид да се блокираат напорите на Молдавија да стекне влијание во прорускиот отцепен регион Придњестровје, каде што се стационирани околу 1.500 руски војници.
Документот од пет страници е поделен на неколку наслови со краткорочни, среднорочни и долгорочни цели. Меѓу непосредните цели се „поддршка на молдавските политички сили кои се залагаат за конструктивни односи со Руската Федерација“ и „ неутрализирање на иницијативите на Република Молдавија со цел да се елиминира руското воено присуство во Придњестровје“.
Среднорочните цели вклучуваат „спротивставување на експанзионистичката политика на Романија во Република Молдавија“ и „спротивставување на соработката меѓу Република Молдавија и НАТО“.
Документот на руската безбедносна служба поставува долгорочни цели, вклучувајќи „создавање стабилни проруски групи во политичките и економските елити на Молдавија“ и „формирање негативен став кон НАТО“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков соопшти дека Кремљ не знае ништо за постоењето на таков план.
„Не исклучувам дека ова е уште една лажна вест. Русија отсекогаш била и останува отворена за градење добрососедски, заемно корисни односи, вклучително и Молдавија“, изјави тој.
Русија ја обвини Украина дека планира инвазија и преземање на Придњестровје, кое граничи со југозападна Украина. Молдавија и Украина го отфрлија тврдењето. Минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин го укина декретот од 2012 година за поддршка на суверенитетот на Молдавија, велејќи дека – „потегот бил да ги обезбеди националните интереси на Русија во врска со длабоките промени што се случуваат во меѓународните односи“.
Во последните недели, молдавските власти уапсија неколку наводни проруски активисти, како и наводен оперативец на приватната воена група Вагнер, кој се обидел да влезе во земјата. Украина и САД предупредија на напорите на Русија да ја дестабилизира молдавската влада.
Набргу по руската инвазија на Украина во февруари минатата година, тогашниот командант на Централниот воен округ на Русија, генерал-мајор Рустам Минекаев, изјави дека една од целите на таканаречената „специјална воена операција“ е да се воспостави коридор низ јужна Украина до Придњестровје.