Употребата на кинескиот јуан во прекуграничните трансакции достигна рекордно ниво оваа година, додека сè поблиските врски со Русија ги поддржаа напорите на Пекинг да ја интернационализира својата валута и да ја намали зависноста од американскиот долар.
Во јули, 53 отсто од влезните и излезните трансакции на Кина биле во кинеска валута, според податоците на Државната управа за девизи, споредено со околу 40 отсто во истиот месец во 2021 година. Овој податок покажува прекугранични банкарски трансфери во име на небанкарски клиенти и главно ги претставува трговските порамнувања, иако вклучува и инвестициски текови и отплати на долгови, пренесува Financial Times.
Прекуграничната употреба на кинеската валута доби поттик откако американските санкции ја ограничија способноста на Русија да работи во долари по почетокот на војната во Украина. Во февруари оваа година, гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, изјави дека употребата на кинеската валута за порамнувања, финансиски трансакции и депозити „нагло се зголемила“.
Растот на трговијата со јуани беше помогнат и од линијата за размена на валути што Пекинг ја отвори или ја обнови во 2023 година со Саудиска Арабија, Аргентина и Монголија – сите производители на суровини што ги сака Кина. Од 2022 година, во Лаос, Казахстан, Пакистан, Бразил и Србија се основани нови банки за порамнување јуани, според Народната банка на Кина.
Според некои аналитичари, една од причините зошто Кина одржува стабилен курс во однос на американскиот долар оваа година, и покрај притисоците за продажба на јуанот, е да ги поттикне трговските партнери да прават повеќе бизнис во јуани. Кинескиот претседател Си Џинпинг постојано повика на зајакнување на валутата, бидејќи тоа е предуслов за кинеските партнери да прифатат тргување со јуани.
Претходните напори на Пекинг да го интернационализира јуанот не успеаја откако Народната банка на Кина ја девалвираше валутата во 2015 година за да го поттикне економскиот раст. Ова ја зголеми конкурентноста на кинескиот извоз, но доведе до значителен пад на употребата на јуанот за порамнување, што траеше со години. Понатамошното зголемување на уделот на јуанот во глобалното трговско финансирање може да биде ограничено поради неподготвеноста на западните земји да тргуваат со користење на јуанот.