Урамнотежената исхрана е од суштинско значење за здравјето, а протеините се еден од трите главни макронутриенти кои му обезбедуваат на телото аминокиселини потребни за речиси сите функции.
„Протеините се важни за раст и закрепнување на мускулите, но исто така и за имунолошкиот систем, рамнотежата на течностите и pH вредноста, транспортот на хранливи материи, а можат да послужат и како извор на енергија“, вели Мона Кабрера, регистриран диететичар со 15 години искуство, за Parade.
Но, иако се неопходни, се поставува прашањето дали можете да внесувате премногу од нив.
Според клиниката Мајо, повеќето луѓе веќе консумираат доволно протеини, а препорачаната дневна количина е 0,8 g на килограм телесна тежина. Кабрера забележува дека физички активните луѓе имаат потреба од повеќе протеини, но исто така предупредува на симптоми што можат да се појават со прекумерен внес.
Знаци дека некое лице консумира премногу протеини вклучуваат:
- лошо варење
- дехидратација
- гадење
- дијареа
- раздразливост
- затвор
- лош здив
- зголемување на телесната тежина
- замор
- лошо расположение.
Кабрера додава дека овие симптоми би можеле да бидат индикација дека внесувате премногу протеини. Покрај тоа, истражувањата предупредуваат на можни посериозни ризици, како што се зголемен ризик од срцеви заболувања, дијабетес, па дури и рак, иако потребни се повеќе студии за да се потврдат овие врски.
Затоа експертите ја нагласуваат важноста на умереноста: протеините треба да сочинуваат помеѓу 10 и 35 проценти од вкупниот дневен внес на калории, а точниот сооднос зависи од вашата возраст, ниво на физичка активност и здравствена состојба. Доколку почувствувате симптоми или се сомневате на прекумерен внес, најдобро е да се консултирате со лекар за да ја одредите соодветната количина за вашите потреби.