Од 1 јануари ќе се поедностави постапката за вработување во јавниот сектор

Министерството за финансии од 1 јануари повеќе нема да дава согласност за вработување, туку раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат согласно годишниот финансиски план и прегледот на вработувањата.

За ова да стапи во сила, прво треба да се изгласаат Законот за Буџетот и Законот за спроведување на Буџетот. За да се вработи, директорот на институцијата треба да достави изјава до Агенцијата за вработување или Агенцијата за државни службеници, во која со целосна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека се обезбедени средства за нововработените во институцијата.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, контрола на процесот на вработување ќе биде финансискиот план и прегледот за вработување кои секоја година ќе ги одобрува Владата.

Евентуалните злоупотреби ќе ги пријават самите вработени, додека директорот ќе го гонат јавното обвинителство и судовите за погрешна изјава.