Војната која Русија ја води во Украина ќе биде главна тема на самитот на Г7 следниот месец во Хирошима, Јапонија. На Самитот ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден.
На дневен ред ќе бидат војната во Украина, глобалните прехранбени и климатски кризи и „обезбедување инклузивен и отпорен економски раст“, се наведува во соопштението на портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Лидерите на земјите од групата на седум индустриски најразвиени земји (Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД) од 19 до 21 мај ќе се состанат на местото на првиот нуклеарен напад некогаш извршен.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека се надева дека темата за нуклеарното разоружување ќе биде една од главните теми на состанокот.