Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката поради убиството на Вања Ѓорчевска

Општина Центар по повод трагичната смрт на 14-годишната Вања Ѓорчевска, ученичка во IX одделение во основното општинско училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци“ со препорака до сите јавни и угостителски објекти на територија на општината во следните два дена да ја прилагодат музиката.

Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски изразуваат сочувство за трагичниот настан во кој животот го загубија 14-годишната ученичка Вања и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски“, се вели во соопштението од Општина Центар.

Во основното училиште каде учеше Вања Ѓорчевска денеска е отворена книга на жалост.

Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната во понеделникот (27. ноември), а нејзиното беживотно тело беше пронајдено вчера во близина на Скопје

Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје денеска на прес-конференција изнесоа детали според кои Вања Ѓорчевска била грабната во влезот на зградата во која живее, врзана на рацете и нозете и покриена со вреќа за спиење била ставена во багажникот на возилото „Citroen“ и однесена на локација во близина на Скопје каде е убиена истиот ден кога е грабната. Според првичните сознанија, информацијата за нејзиното движење, сторителите ја добиле од нејзиниот татко. 

Првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо, кој е организатор и извршител на делото, е во бегство, а на тројца им е изречена мерка притвор во траење од 48-часа. Од претходната вечер на распит е и таткото на девојчето, кој се сомничи дека е директен учесник во грозоморниот чин.