Подготовките за мировниот самит меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп и претседателот на Русија Владимир Путин во Будимпешта сè уште се во тек, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На својот Фејсбук профил, Орбан напиша дека унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто моментално е во Вашингтон и дека разговорите продолжуваат, иако датумот за средбата сè уште не е одреден, објави Ројтерс.
„Самитот ќе се одржи кога ќе дојде време“, рече Орбан.
Според претходните најави, Трамп и Путин планирале да се сретнат во Унгарија за да разговараат за можно решение за војната во Украина.
Сепак, плановите беа одложени откако Москва го отфрли предлогот за итно примирје, доведувајќи ги во прашање обидите за започнување преговори.
Трамп рече дека „не сака залудна средба“ со Путин, но наговести дека наскоро би можеле да следат одредени случувања, додавајќи дека „јавноста ќе биде информирана во следните два дена“.