Додека украинските знамиња се веат во европските метрополи и западните тенкови му доаѓаат на помош на Киев, унгарскиот премиер Виктор Орбан отворено ја доведува во прашање одржливоста на Украина како суверена држава. Неговата влада во Будимпешта го излепи градот со плакати против руските санкции, а унгарската државна опера ја поставува „Војна и мир“ на Сергеј Прокофјев.
„Политико“ пишува дека Орбан неодамна на собир на мала група меѓународни конзервативци изјавил дека Русија веќе успеала да ја претвори Украина во непремостлива руина.
– Украина сега е Авганистан. Владимир Путин нема да загуби и времето е на страната на Русија – рекол Орбан за време на дискусијата на тркалезната маса, нарекувајќи ја Украина „ничија земја“.
Таа порака е дијаметрално спротивна на реториката на остатокот од западната алијанса, која премина друга црвена линија кога минатата недела вети дека ќе испрати стотици модерни западни тенкови во Украина. Изјавите на Орбан предизвикаа гнев кај украинските власти, кои најавија дека ќе го поканат унгарскиот амбасадор, пишува Слободна Далмација.
Во Будимпешта, од друга страна, изјавите на Орбан се сметаат за делумно внатрешно-политички трик за да се оттргне вниманието од економските проблеми на Унгарија, како и да се привлечат на националистичките гласачи. Но, меѓу експертите постои и чувство дека реториката на Орбан е повеќе од краткорочно политиканство: унгарскиот лидер, велат тие, сака да ги зачува своите долгогодишни добри односи со Кремљ.