Османи од Брисел: Интеграција во ЕУ уште пред полноправното членство во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во рамки на неговата работна посета на Брисел, одржа брифинг во реномираниот Бриселски институт – Центар за европски политики , на тема „Северна Македонија и ЕУ: Движејќи се кон повеќе интеграција“.

Во своето обраќање, Министерот го претстави концептот на прогресивна интеграција во ЕУ пред полноправното членство, истакнувајќи ги напорите на државата да ги усогласи политиките и законодавството со оние на ЕУ. Во таа смисла, Османи предложи неколку мерки, како на пример, земјите кандидати да бидат поканети да присуствуваат на состаноците на Советот за надворешни работи, како и да станат корисници на структурните и кохезионите фондови уште за време на преговорите.

Во врска со процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, Османи ги поздрави позитивните сигнали од ЕУ, цитирајќи ги зборовите на претседателот на Европскиот совет Мишел во Блед, со кој е поставена временска рамка до 2030 година за новите земји-членки.

„Наша цел е да го исполниме преостанатиот политички услов за уставните амандмани и без натамошно одлагање да продолжиме кон отворање на Првиот кластер до крајот на 2023 година. Од друга страна, време е ЕУ да дејствува сега и да го направи тоа без двоумење. И судејќи според неодамнешните изјави, мислам дека овој начин на размислување конечно пристигна во сите главни градови на ЕУ“, предочи Османи. 

Османи се осврна на долгиот пат на државата кон членство во ЕУ, истакнувајќи го доследното придржување кон Копенхашките критериуми и цврстата определба за добрососедски односи и регионална соработка. Го истакна членството на Северна Македонија во НАТО и нејзиниот 100-отстотен придонес во надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а ја нагласи и улогата на Северна Македонија како актуелен претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и А5-Јадранската повелба.