Остин: Конфликт со Кина „не е неизбежен“

– Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска ја истакна потребата од одржување на дијалог со Кина и нејзините соседи, за да се спречи актуелните тензии во регионот да излезат од контрола.

– Секој разговор нема да биде среќен разговор. Но, важно е да продолжиме да разговараме еден со друг, рече Остин на безбедносната конференција Шангри-Ла Дијалог во Сингапур.

Сепак, и покрај очигледните разлики во мислењата, тој не гледа непосредна опасност од ескалација, јави ДПА.

– Исто така, неколку пати ме слушнавте како реков дека, знаете, војна или борба со Кина не е ниту блиску, според мене, ниту е неизбежна, рече Остин во својот говор.

Во исто време, тој ја истакна важноста на САД да ги поддржат интересите на своите сојузници и партнери во регионот.

Во однос на тековната затегнатост меѓу Филипините и Кина, Остин, исто така, ја нагласи улогата на зголемен дијалог.

– Постојат голем број работи што можат да се случат на море или во воздух, ние го препознаваме тоа, рече тој. „Но, нашата цел е да се погрижиме да не дозволиме работите непотребно да излезат од контрола“.

Шефовите на одбраната на двете суперсили, САД и Кина, вчера имаа директни разговори. На средбата меѓу Остин и кинескиот министер за одбрана Донг Џун се разговараше и за прашањата поврзани со Тајван и Јужното Кинеско Море.

На конференцијата во Сингапур, која почна вчера и ќе трае до утре, стотици министри, воени лидери и експерти од целиот свет разговараат за моменталните проблематични точки и закани во светот.

На дневен ред се и теми како што се вештачката интелигенција, кибер-одбраната и идните видови војување.