Откриени деталите за убиството кај Травник: По 10 години таткото се одмаздил за убиството на синот?!

Вчерашниот трагичен настан во Караула кај Травник, во кој загина мажот Мирнес Захировиќ (36), всушност е одмазда за злосторството што го потресе Травник пред речиси 10 години.

Имено, осомничениот Недим Клепиќ (49), кој синоќа беше уапсен поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство, е татко на Ајдин Клепиќ, младиот човек кој брутално беше убиен со нож пред семејниот дом во Доњи Крчевине кај Травник во 2014 година, пишува Кликс.

Да потсетиме, Ајдин Клепиќ (20) го загуби животот откако беше прободен со нож во градите од Мирнес Захировиќ, а неговиот татко Недим Клепиќ во таа прилика се здоби со полесни повреди, пренесува Српскаинфо.

Судскиот епилог на овој случај предизвика бурни реакции во јавноста, бидејќи Захировиќ ја призна вината и доби казна од само три и пол години затвор. По изрекувањето на неправосилната пресуда тој беше ослободен, што семејството Клепиќ го нарече „срамна одлука“.

Според извори блиски до истрагата, Недим Клепиќ не можел да ја преболи загубата на синот, ниту тоа што сторителот добил лесна казна. Синоќа, како што информираат од Министерството за внатрешни работи на кантонот Централна Босна, Недим Клепиќ со автоматска пушка го убил Мирнес Захировиќ, кој на лице место им подлегнал на повредите.

– По извршувањето на кривичното дело, пријавениот побегнал во непознат правец, но со брзата реакција на полицијата е пронајден и приведен – се наведува во официјалното соопштение на МУП СБК.

Семејството Клепиќ претходно нагласи дека пресудата не им донесе правда или мир, а во неколку наврати се обидоа да поднесат претставки за работата на судот и обвинителството.

Овој случај, за жал, покажува како нерешените чувства на болка и неправда можат да доведат до нови трагедии. Кантоналното обвинителство на СБК води интензивна истрага, а против Недим Клепиќ ќе бидат преземени правни мерки во врска со документирањето на кривичното дело убиство.