Официјален Букурешт ги осуди руските напади врз украинското пристаниште Рени во близина на границата со Романија
Министерот за одбрана на Романија, Ангел Тилвар, ги осуди синоќешните руски напади на со дронови врз украинската пристанишна инфраструктура долж реката Дунав во близина на границата со Романија, нарекувајќи ги „неоправдани“.
„Силно ги осудувам овие напади на Русија врз цивилни цели и инфраструктура во Украина. Овие напади се неоправдани и се во длабока спротивност со правилата на меѓународното хуманитарно право“, напиша Ангел Тилвар на социјалните мрежи.
Во објавата нагласува и дека – „во ниту еден момент руските напади не претставуваа директна воена закана за националната територија или територијалните води на Романија“.
Ангел Тилвар вели дека релевантните структури на романското Министерство за одбрана во реално време ја следеле ситуацијата со синоќешниот напад на руските беспилотни летала на украинското дунавско пристаниште Рени.