Очилата на Папандреу одат на добротворно наддавање

 Очилата на покојниот грчки премиер и основач на Социјалистичкото движење ПАСОК, Андреас Папандреу, се понудени на продажба на наддавање за добротворни цели. Приходот ќе оди во полза на децата кои боледуваат од рак, пренесува „Прото тема“.

Очилата ги подарил еден од синовите на Папандреу – Никос. Досега им биле понудени 5.500 евра, но вели дека целта е цената да достигне 10.000 евра. Аукцијата којашто се одржува преку на интернет, на платформата „Креајад“ (Creaiad), е отворена до 9 април.

Папандреу беше премиер на Грција двапати – од 1981 – 1989 и 1993 – 1996 година.

Во понудата има и предмети на други познати личности – општественици, спортисти и уметници од Грција и други земји – Јанис Адетокунбо, Стефанос Циципас, Принс, Дејвид Бекам, Лионел Меси, Џенифер Лопез, папата Франциск и други. Приходите ќе бидат дадени на хуманитарната организација „Елпида – Друштво на пријатели на деца со рак“.