ПАДНАТАТА ЅВЕЗДА НА ЈУВЕНТУС ПАДНА НА “МИНИМУМ“ – Пол Погба повеќе не смее да стапи и во контакт со вработените во клубот
Пол Погба беше позитивен на допинг тест кој беше направен на 20. август по натпреварот помеѓу Јувентус и Удинезе, на кој остана на клупата. Фудбалска Италија објави дека тоа е DHEA, кој може да го подигне нивото на тестостерон, а потврдата дојде и по тестирањето на вториот примерок.
Секако, Пол Погба ќе се обиде да ја докаже својата невиност, неговата агентка Рафаела Пименто, изјави дека нејзиниот клиент никогаш немал намера да ги прекрши правилата. Јувентус го суспендираше Пол Погба додека неговите адвокати подготвуваат одбрана за спортско судење во кое би можел да добие забрана за играње од две до четири години.
Во моментов поранешниот француски репрезентативец е во тешка ситуација. Италијанската антидопинг комисија го суспендираше веднаш откако падна на првиот тест и не смее да тренира со соиграчите.
Пол Погба остави настрана дел од парите што ги заработи досега, бидејќи и неговите приходи драстично се намалија за време на неговата суспензија. Фудбалерот кој имаше договор од 10 милиони евра годишно во Јувентус сега зема само минимална плата. Според некои извори се работи за околу 2.000 евра, а други наведуваат дека е 4.000 евра.
Покрај тоа, на Пол Погба му е забрането дури и да има контакт со вработените во клубот.
„Многу сум близок со него на човечки план, го познавам уште од мало момче. Голема е срамота за сите во фудбалот да изгубите играч кој е посебен. Тоа е тежок момент за него и можеме само да му посакаме најдобро“, коментира тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.
И додека Пол Погба ќе се брани дека свесно не земал забранети супстанци, другите засега можат само да го сожалуваат. Тоа го направи и Џон Елкан, сопственикот на Јувентус.
„Човечки гледано, жално. Тој беше еден од најголемите потенцијални таленти во последните неколку години“, изјави Џон Елкан.