ПАДНА ГОЛЕМ БАЛКАНСКИ СИНЏИР НА НАРКО-ДИЛЕРИ – Акција тешка милион и пол евра

Најмалку 15 лица се уапсени во вторникот во голема полициска акција во Босна и Херцеговина (БиХ), координирана со Европол, насочена против криминална група која организирала шверц на дрога, потврдија во текот на денот од полициската управа и обвинителството во Сараево, јавуваат тамошните медиуми.

За време на рациите извршени во утринските часови, полицијата извршила претрес на 27 локации во поширокото подрачје на Сараево и Бања Лука, а се работи за операција поврзана со разоткривање на криминални мрежи кои комуницирале преку заштитените апликации Sky и Anom, претходно разоткриени во координирана акција на европски и канадски истражители.

Со дешифрирање на тие пораки, во Босна и Херцеговина беа идентификувани стотици лица поврзани со организираниот криминал.

15 лица уапсени во вторникот се осомничени дека ја организирале трговијата со дрога, која на црниот пазар вреднувала речиси милион и пол евра.

Групата е осомничена дека подолг временски период договарала набавка, дистрибуција и плаќање на разни видови дрога (кокаин, хероин, марихуана, амфетамин, екстази и други супстанции за производство на наркотични дроги) на подрачјето на Сараево и на овој начин сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Противправната имотна корист прибавена со извршувањето на ова кривично дело изнесува 2,75 милиони конвертибилни марки“, се вели во полициското соопштение објавено од босанските медиуми.