Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко тврди дека граничари спречиле обид на руска диверзантска група да влезе на северот на земјата.
– Граничарите синоќа во регионот Черниговски го спречија обидот на непријателска диверзантско-извидувачка група да ја премине државната граница на Украина во населбата Семенивка – напиша Клименко на Телеграм.
Според Ројтерс, Клименко додал дека во меѓувреме се распоредени резервни сили на Украинската државна гранична служба и Армијата на Украина со цел зајакнување на областа. Сергеј Најев од Вооружените сили на Украина изјави дека четири вооружени лица се обиделе да ја преминат северната граница од правец на Русија, но дека биле спречени од украинскиот оган.
– Припадниците на Втората гранична пункта виделе четири вооружени лица со помош на термички апарат. Отворен е оган врз непријателот кој бил принуден да се повлече – напиша Најев и додаде дека непријателот претрпел загуби.
Рано утрово, да потсетиме, Украина уште еднаш со беспилотни летала нападна комплекс од владини и деловни згради во Москва.