Патниците од Србија, кога одат на одмор со автобус, ќе може да товарат само по еден куфер тежок до 23 килограми

Ова правило од Националната асоцијација на туристички агенции на Србија велат дека не е обврзувачко и тоа е резултат на договор меѓу агенциите, а е воведено поради тоа што во текот на претходните години големата количина на багаж на патниците претставувала сериозен проблем за превозниците

Патниците од Србија кои одат на патување со автобус преку туристички агенции од денеска ќе може да носат само една торба по седиште и таа да е тешка до 23 килограми.

Ова правило од Националната асоцијација на туристички агенции на Србија велат дека не е обврзувачко и тоа е резултат на договор меѓу агенциите.

Правилото, како што вели Александар Сеничиќ, директорот на Асоцијацијата, е воведено поради тоа што во текот на претходните години големата количина на багаж на патниците претставувала сериозен проблем за превозниците.

„Ова правило е воведено заради безбедноста на патниците, бидејќи автобусите не можат да превезуваат неограничени количини багаж, а претходните години се случуваше некои патници да носат по неколку куфери по лице, многу дополнителна опрема, па дури и чамци. Се случувало да пукнат и полуосовините на автобусите поради тежината на толку многу багаж“, вели Сеничиќ.

Тој вели дека е планирано дополнителниот багаж да се наплаќа 30 евра по парче, но, сепак додава дека патниците пред да патуваат мора да проверат во агенцијата дали, без разлика што ќе платат, ќе можат да внесат уште еден куфер.

Сеничиќ изјави и дека патниците треба да знаат дека според Законот за безбедност во сообраќајот на Србија предвидена е казна од 300 илјади до два милиони динари за внесување куфери во кабината во која се превезуваат патници.

Патниците, како што појасни, со себе секако можат да внесат еден рачен багаж во автобусот, а тоа е оној што може да се смести во просторот над седиштето.

„Тежината на багажот сигурно нема да се мери во грамови, но 23 килограми се сериозна тежина, особено кога одите на море, бидејќи не се иселувате од државата, туку одите на одмор“, додава Сеничиќ.

Тој изјави дека тежината од 23 килограми за багаж е земена како оптимална и дека оваа тежина ја применуваат и авиокомпаниите.

Сеничиќ исто така вели дека сите патници биле информирани и предупредени за новото правило при купувањето на аранжманите, бидејќи правилата за багаж се составен дел на програмата, како и општите услови за патување, со кои патниците се обврзани детално да се запознаат.