Пендаровски и Силјановска ја продолжуваат кампањата, бараат поддршка во вториот круг од претседателските избори
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски очекува, како што вели, голема поддршка на 8 мај државата да оди напред како демократска, мултиетничка, прогресивна земја на еднакви граѓани.
Тој вчера на средбите со граѓаните во Харачина и Куманово истакна дека го води концептот на обединување, додека внатрешните поделби се најголемиот проблем за напредокот на државата.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само за Македонците. Јас ќе бидам претседател на сите, како што сум бил гласот на сите без разлика на етничка и каква било припадност. Унапредувањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет во следните пет години“, изјави Стево Пендаровски – кандидат за претседател.
Од друга страна, кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова на митинг во Струмица одговори на обвинувањата дека го крши Уставот, бидејќи не го користела името на државата „Република Северна Македонија“. Давкова истакна дека тоа е нејзино индивидуално право на самоопределување.
Секој од нас има индивидуално право на самоопределување и никој, никаде и никогаш, ниту вие, ниту јас, не може да не спречи да го користиме името „Македонија“, изјави Гордана Силјановска Давкова – претседателски кандидат.
Давкова повтори дека како претседател ќе биде посветена на правната држава и владеењето на правото, додека за нејзиниот кабинет рече дека тоа ќе биде „Македонија во минијатура“, но само врз основа на професионализам, а не на други критериуми.