Министерството за одбрана на Русија регрутира поранешни членови на групата Вагнер за сопствени поврзани приватни воени компании, тврди Институтот за проучување на војната (ISW).
ISW цитира руски воен блогер кој тврди дека поранешните платеници на Вагнер кои ја напуштиле организацијата предводена од Андреј Трошев по бунтот на Евгениј Пригожин, сега се приклучиле на приватната воена компанија Редут и волонтерски корпус поврзани со Министерството за одбрана на Русија.
Блогерот, исто така, тврди дека тие поранешни трупи на Вагнер почнале да се движат со своите нови единици во областа Бахмут во Украина, која е место на некои од најжестоките борби во Украина со месеци.
Градот, да потсетиме, конечно падна во рацете на Русите, главно благодарение на трупите на Вагнер. Меѓутоа, според последните информации, украинските војници се обидуваат повторно да го заземат тој град, на кој, според сателитските снимки, речиси ништо не е останато.
„Воен блогер тврди дека Андреј Трошев се обидува да регрутира персонал на Вагнер кој моментално работи во Белорусија, Африка и на Блискиот Исток за приватни воени компании поврзани со Министерството за одбрана Русија“, додаде ISW.
Што се однесува до трупите на Вагнер кои сè уште се поврзани со организацијата, блогерот посочи дека новиот прв човек на платеничката група е Антон Јелизаров и дека преговара со Руската национална гарда (Росгвардија) за вклучување на единиците на Вагнер во нејзините редови.
Според блогер цитиран од ISW, преговорите не напредуваат поради несогласувањата околу договорот.