„Поважно е што побрзо, отколку заедно“ Столтенберг е јасен за приемот на Шведска и Финска во НАТО

Столтенберг повтори дека сите земји членки гласале за влез на Финска и Шведска во НАТО, освен Унгарија и Турција.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека е поважно Финска и Шведска да бидат примени во НАТО што е можно поскоро, наместо да бидат примени заедно.

– Главното прашање не е дали приемот на Финска и Шведска за полноправни членки ќе биде ратификуван заедно, туку дали ќе биде ратификуван што е можно поскоро – изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Како што јави Ројтерс, Столтенберг повтори дека сите земји членки гласале за влез на Финска и Шведска во НАТО, освен Унгарија и Турција.

Турскиот претседател Ердоган изјави претходно овој месец дека Турција ја поддржува кандидатурата на Финска за НАТО, но не ја поддржува Шведска . Анкара бара двете земји да заземат построг став против Работничката партија на Курдистан, која Турција ја смета за терористичка организација. 

Двете земји аплицираа за влез во НАТО по почетокот на војната во Украина во февруари минатата година и беа одобрени од сите земји-членки освен Унгарија и Турција. Западните власти потврдија дека би сакале двете земји да се приклучат на НАТО истовремено, делумно затоа што би било полесно да се интегрираат во воените структури во исто време.