Повеќе нема да има евтини летови! Заборавете на патувањето со авион за „мали пари“ – ова се сите детали
Францускиот министер за транспорт Клемент Бон вчера изјави дека на европските колеги ќе им предложи воведување минимална цена за летовите во рамките на Европската унија.
– Авионски билети од 10 евра кога сме среде еколошка транзиција? Ова веќе не е возможно – рече Бон, додавајќи дека таквите цени не се соодветни за борбата за зачувување на планетата.
Според Еурактив, нискобуџетните авиокомпании направија голем упад во Европа нудејќи ниски цени на билетите на одредени линии, а Ryanair стана најголемата авиокомпанија во регионот.
Но, ниските цени понекогаш не ги покриваат трошоците, а летањето испушта повеќе штетни гасови отколку патувањето со воз.
-Отворено повикувам на оданочување на загадувачките активности за да се инвестира во еколошката транзиција – рече Бон, додавајќи дека владата планира да го зголеми данокот на летовите што поаѓаат од Франција за да финансира инвестиции во железницата.
Зголемените давачки за фирмите што управуваат со француските автопати и авио билети најверојатно ќе бидат вклучени во буџетот за 2024 година што треба да биде претставен на крајот на септември.