Од пазарот во БиХ се повлечени и уништени шест модели на скејтборди во количина од 559 парчиња.
Причината за тоа е затоа што тие претставувале сериозен ризик за потрошувачите, соопшти Агенцијата за надзор на пазарот на Босна и Херцеговина.
Агенцијата и пазарните инспекции на Република Српска, Федерацијата Босна и Херцеговина и округот Брчко извршија заедничка проверка на скејтбордите од мај до октомври, со цел да се утврди дали ги исполнуваат пропишаните безбедносни барања.
Извршени се лабораториски тестови на седум примероци на скејтборди, административна проверка на етикетирањето и информациите пропишани од производителот, како и визуелна проверка на одредени безбедносни карактеристики, пренесува Срна.
Лабораториското тестирање утврди дека шест од седум тестирани модели на скејтборд, или 86 отсто, не ги исполнуваат безбедносните барања пропишани во стандардот BAS EN 13613:2012.
„Врз основа на резултатите од надзорот на пазарот, може да се заклучи дека состојбата на пазарот во БиХ, во однос на безбедноста на скејтборд, е незадоволителна“, посочува Агенцијата.