Над 330 илјади пензионери денеска ги добија пензиите, повисоки за 2500 денари. Согласно предизборните ветувања на владата, сите пензионери кои заминале во пензија до крајот на август добија линеарно покачување, без разлика на годините стаж или висината на придонесите што ги уплаќале. За во март е најавено ново линеарно покачување на пензиите за по уште 2500 денари.
Тоа ја продлабочи и онака големата пензиска дупка, која со ребалансот за годинава се продлабочи за нови 80 милиони евра и надмина 600 милиони евра. Тоа се пари од буџетот, кои владата му ги префрла на пензискиот фонд за исплата на пензии. Со најавеното зголемување за догодина, таа дупка ќе се зголеми за уште нови 160 милиони евра.
Новиот директор на Фондот за пензиско осигурување Никола Мемов вели дека ова зголемување во просек 11,2 отсто, и е скоро три пати поголемо од она што законски следувало согласно методологијата за усогласување, кое би било 4 проценти. Ова е различна пресметка од онаа на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која пред два месеци рече дека пензиите и онака би се покачиле за над 9 проценти. Со линеарното покачување најголема корист имаат пензионерите со најниски пензии.
„Доколку се направеше усогласување согласно досегашната методологија на усогласување, тоа согласно Заводот за статистика ќе изнесуваше 4 проценти за септември или во вкупен износ за пензионерите со минимална пензија од околу 528 денари, а за пензионерите со пензии од 40 илјади денари, зголемувањето ќе беше 1600 денари“, вели новиот директор на Фондот за ПИОМ Никола Мемов.
Околу една третина од парите за пензии се обезбедуваат од буџетот. Во 2017 година, дефицитот беше над 43 проценти, но откако беше донесена методологијата пензиите да растат во зависност од растот на просечната плата и трошоците за живот, дупката почна да се намалува за да стигне до 33 проценти. Со овие зголемувања, дупката повторно ќе се прошири.
Мемов вели дека очекуваат дефицитот да се стабилизира на под 37 проценти до крајот на годинава, а во наредниот период Фондот ќе ѝ предложи на владата краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите на фондот.