ПОЛИЦИЈАТА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС БАРА СЕРИСКИ УБИЕЦ – Мета му се бездомниците и ги напаѓа ноќе додека спијат: “Обидете се да не бидете сами!“
Полицијата во Лос Анџелес трага по сериски убиец откако тројца бездомници се убиени во одделни инциденти.
Убиствата се случиле меѓу 26. и 29. ноември.
Полицијата објави видео снимка од безбедносните камери во потрага по осомничениот. Медиумите јавуваат дека се работи за маж кој носи качулка и управува со автомобил со темна боја.
Началникот на локалната полиција Мишел Мур вели дека е формирана специјална работна група со задача да го открие идентитетот на потенцијалниот сериски убиец кој е насочен кон најранливите членови на заедницата.
Сите три убиства на бездомници се случиле во раните утрински часови. Мишел Мур вели дека сите три жртви биле убиени додека спиеле или додека требало да одат во кревет.
Градоначалничката Карен Бас вели дека се сретнала со службите за бездомници и порача дека прават се што можат за да ги направат достапни засолништата и услугите за бездомници.
„Нашата порака до заедницата која не е сместена е јасна. Обидете се да не бидете сами навечер. Ги молам граѓаните кои имаат пријатели или членови на семејството кои не се сместени да ги информираат за опасноста што постои“, посочува Карен Бас.