Полските власти поднесоа обвинение против Павел К., кој наводно планирал да им помогне на руските разузнавачки служби во подготовката на обид за атентат врз претседателот на Украина Володимир Зеленски, соопштија денес обвинителите.
Павел К. беше уапсен во април 2024 година по соработката на полските и украинските обвинители и се соочува со затворска казна до осум години.
Според обвинителите, тој изразил подготвеност да дејствува за воената разузнавачка служба на Руската Федерација и воспоставил контакти со Руси кои биле директно вклучени во војната во Украина.
„Активностите на (Павел К.) требаше да им помогнат на руските специјални служби во планирањето на можен обид за атентат врз… претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, се вели во соопштението на обвинителството.
Задачите на Павел К. наводно вклучувале собирање и обезбедување безбедносни информации на аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, објави Ројтерс.
Полска тврди дека станала главна цел на руските шпиони, обвинувајќи ја Москва и Минск дека се обидуваат да ја дестабилизираат, што Кремљ постојано го негира.