Рекордни температури и долготрајна суша во Грција открија потопено село во главниот резервоар на Атина за прв пат по 30 години.
Селото Калио беше потопено во доцните 1970-ти, кога беше изградена браната Морнос на 200 километри западно од главниот град, вештачкото езеро кое се храни од реките Морнос и Евинос.
Со пад на нивото на езерото за 30 отсто во последните месеци според државниот водоводен оператор ЕЈДАП, повторно се појавија урнатини од училиште и куќи, пренесува Телеграф.
„Нивото на езерото Морнос падна за 40 метри“, вели Јоргос Јосифидис, 60-годишен пензионер кој како млад морал да го напушти својот дом заедно со другите селани кога областа била поплавена.
„Го гледате првиот кат лево од двокатната куќа на свекор ми, а до него можете да видите што останало од куќата на моите братучеди“, вели Јосифидис, кој сега живее погоре по ридот.
Сушата се влоши годинава во медитеранската земја, која е добро навикната на летните топлотни бранови.
По најблагата зима досега, Грција го имаше најтоплиот јули досега, според прелиминарните временски податоци од Националната опсерваторија. Ова следеше по слични рекордни температури во јуни.
Речиси 80 куќи во Калио, покрај црквата и училиштето, беа „жртвувани“ за да се снабдува Атина со вода, изјави градоначалникот на селото Калио, Апостолис Геродимос, за државната новинска агенција АНА.
„Ова е втор пат Калио повторно да се појави, по уште една суша во раните 90-ти. Ако не врне наскоро, нивото дополнително ќе се намали и проблемот ќе биде поголем отколку што беше тогаш“, рече Јосифидис. /Телеграф/