Портпаролот на иранската војска испрати жестока порака до Израел, но и до Америка: „Ќе му го скршиме вратот на агресорот“

Портпаролот на иранските вооружени сили, Сардар Шекарчи, се огласи по израелските напади во Техеран и конкретно се осврна на нападот на државната телевизија.

Во соопштение за медиумите, Шекарчи рече дека Иранците биле сведоци на неверојатната храброст на медиумските работници кои останале на своите работни места и покрај израелските напади.

„Тие сакаат да го замолчат гласот на иранската нација и слободните луѓе во светот кои бараат правда, и во оваа смисла ја нападнаа иранската радио и телевизија. Овој глас нема да биде замолчен. Ционистичкиот режим ги презема овие нелегитимни дејствија од очај, беспомошност и пораз. Ова е жално. Каде се меѓународните организации кои сакаат да ги бранат правата на народот?“, изјави тој.

Тој исто така истакнува дека на меѓународните структури не може да им се верува.

„Вооружените сили на нашата земја ги одржаа своите ветувања од почетокот на израелските напади. Ние не сме иницијатори на никаква војна, ционистичкиот режим ја започна оваа војна и јасно му испраќаме порака на ционистичкиот режим кој убива деца дека тој ја започнал, но ние ќе го одредиме крајот на оваа војна“, објасни тој.

Тој изјави дека Израел не е во состојба да се спротивстави на Иран.

„Новите команданти продолжија по својот пат и воопшто не сме загрижени. И покрај мачеништвото, нашата земја станува сè помоќна. Ционистичкиот режим е режим во опаѓање и бесчест, а сите го знаат како најрепресивен режим во светот“, рече тој.

Конечно, тој испрати порака до Америка.

„Начинот на кој му дозволувате на вашето бесно куче да извршува злосторства, и вие можете да бидете вовлечени во ова поле и да создадете голем проблем. Ќе му го скршиме вратот на агресорот“, заклучи тој.