ПОСЛЕДНИОТ “ТАНЦ“ ВО КАРИЕРАТА !? Дали ова ќе биде последен пат светот да биде сведок на судир на Лионел Меси и Кристијано Роналдо ?
Американскиот МЛС клуб Интер Мајами и неговата прва ѕвезда, осумкратниот освојувач на Златната топка, Лионел Меси, на 1. февруари ќе гостуваат во Ријад, каде што ќе одиграат пријателски натпревар против Ал Наср, клубот за кој настапува Кристијано Роналдо, официјално потврдија двата клуба.
Тоа ќе биде 38-ми пат 36-годишниот Лионел Меси и 38-годишниот Кристијано Роналдо да се сретнат на спротивните страни од теренот, од кои 30 на тие натпревари ги носеа дресовите на Барселона и Реал Мадрид.
Нивниот прв дуел се одигра во далечната 2008 година, а последниот на 19. јануари годинава, кога пријателски натпревар одиграа Ал Наср и Пари Сен Жермен.
Кристијано Роналдо му се приклучи на Ал Наср на 30. декември минатата година, додека Лионел Меси го напушти ПСЖ на 7. јуни оваа година и му се приклучи на тимот од Флорида.
Натпреварот против Ал Наср е еден од трите кои Интер Мајами ќе ги одигра на азиската турнеја во пресрет на стартот на новата сезона во МЛС.
Три дена пред дуелот со Кристијано Роналдо, Лионел Меси и соиграчите ќе играат против Ал Хилал на 29. јануари, пред американскиот тим да отпатува за Хонг Конг, каде на 4. февруари ќе игра против тимот составен од прволигаши на кинеска територија.