Потписите се собрани, официјализирани пет кандидати за претседател на Македонија

Податоците на Државната изборна комисија (ДИК) од вчера покажуваат дека од вкупно 11 кандидати, шест се уште ги немаат потребните 10.000 потписи за да се кандидираат за претседател, а пет ја достигнале бројката.

Од синоќа потребните потписи ги има и Билјана Ванковска (Левица), која според пребројувањето на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) со 10.269. Претходно, кандидати за претседател со 10.000 потписи беа Максим Димитриевски (ЗНАМ-За нашата Македонија) со 11.562, Бујар Османи (ДУИ) со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција Европски Сојуз) со 10.706.

Од останатите кандидати, Вело Марковски има 1330 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 1286, Ѓорѓи Манасков 388, Зорица Цветковска 176, Господин Поповски 106, Томе Николовски 0.

Потписи од утре ќе собираат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и СДСМ Стево Пендаровски покрај поддршката што се очекува да им ја официјализираат политичките партии за време на викендот.

Постапката за собирање потписи започна на 23 февруари и ќе трае до 8 март на полноќ. Собирањето потписи се врши во сите подрачни единици и канцеларии на ДИК лоцирани во седиштето на 34 подрачни единици и пред надлежни нотари.

Листите со кандидати за претседател на државата учесниците на изборите треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг е на 8 мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори.