Генералот Абдурахман Тиани, првиот човек на претседателската гарда на Нигер кој стои зад државниот удар со кој беше соборен демократски избраниот претседател Мохамед Базум, во петокот на националната телевизија му се обрати на населението како претседател на преодната Влада на таа западноафриканска земја.
Абдурахман Тиани беше назначен за претседател на Националниот совет за заштита на татковината (CNPS), хунтата која го собори Мохамед Базум.
Генералот го оправда пучот што Армијата го изврши во средата со „влошување на безбедносната ситуација“ во Нигер, кој, како што вели, се ослабува и претставува закана со насилството на џихадистичките групи.
„За време на владеењето на претседателот Мохамед Базум, се користеше политички дискурс за да се убедат жителите дека сè е во ред, додека во исто време имаше сурова реалност на мртвите и раселените и живот на фрустрации и понижување“, вели Абдурахман Тиани.
Абдурахман Тиани е на чело на претседателската гарда откако Исуфу Махамада, претходникот на Мохамед Базум, го назначи на таа позиција во 2011 година.
Тој го одржа говорот на телевизиската програма два дена откако неговата единица го собори демократски избраниот претседател.
Претседателот Мохамед Базум беше приведен со членовите на семејството. Во петокот, му беше дозволено да разговара со претседателите на други држави, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, кој го осуди пучот „најостро“ и побара ослободување на Мохамед Базум.
„Овој државен удар е целосно нелегитимен и крајно опасен за народот на Нигер и за целиот регион“, рекол Емануел Макрон од Папуа Нова Гвинеја, каде што моментално престојува.
Министерството за надворешни работи на Франција во петокот објави дека не ги признава лидерите кои произлегоа од државниот удар во Нигер и дека Мохамед Базум го смета за единствен легитимен претседател.
„Најостро го повторуваме јасното барање на меѓународната заедница за итно повторно воспоставување на уставниот поредок и демократски избраната цивилна Влада“, се вели во соопштението.
Во четвртокот, Генералштабот на Армијата на Нигер им даде поддршка на воените пучисти.
По Мали и Буркина Фасо, Нигер, земја која досега беше сојузник на западните земји, стана третата земја во Сахел што доживеа државен удар од 2020 година.
Пучистите на терен најавија запирање на активностите на политичките партии до понатамошно известување и го повикаа населението на мир.
И покрај тоа што Армијата забрани одржување на протестот, на покана на коалицијата на опозициските партии, за петок се планирани нови демонстрации, чии учесници не одобруваат промени со насилни средства, туку ја поддржуваат мотивацијата на пучот.
Воената хунта, која ја сочинуваат целиот армиски корпус, жандармерија и полиција, ја прекина работата на институциите, ги затвори копнените и воздушните граници и воведе полициски час од 22 до 5 часот наутро.