Состанокот на Советот се одржа на ниво на шефови на држави и влади на Самитот на НАТО, кој е во тек во Вилнус, главниот град на Литванија
Новоформираниот Совет НАТО – Украина заседава првпат со цел да ги подигне односите меѓу НАТО и Украина на повисоко ниво, јавува Анадолу.
Состанокот на Советот се одржа на ниво на шефови на држави и влади на Самитот на НАТО, кој е во тек во Вилнус, главниот град на Литванија.
Учествуваат лидерите на 31 земја членка на НАТО, како и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Зеленски, кој лидерите го поздравија со аплауз, седеше меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и британскиот премиер Риши Сунак во распоредот за седење подготвен според називите на земјите.
Во своето воведно обраќање, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нагласи дека Украина стои рамо до рамо со своите НАТО-сојузници и дека се на исто ниво во Советот.
Тој ја повтори пораката за поддршка на НАТО за Украина.
„Ние сме инспирирани од вашата храброст. Мора да продолжиме со нашата поддршка за да ѝ овозможиме на Украина да ја ослободи својата територија и да ја одвратиме идната руска агресија“, рече Столтенберг.
Столтенберг нагласи и дека со нетрпение го чека денот кога Украина ќе ги стекне условите и ќе стане полноправна членка на НАТО.