Производителите на ориз го блокираа патот Кочани-Штип, бараат средба со Мицкоски

Производителите на ориз од селата на општина Чешиново-Облешево излегоа на протест и блокираа една од лентите на автопатот Кочан-Штип со земјоделска механизација за да го изразат своето незадоволство од актуелните политики на почетокот на сезоната на садење.

За време на протестот, земјоделците изнесоа три барања за кои очекуваат брзо спроведување од страна на надлежните институции. Министерот за земјоделство, Трипуновски, се сретна со нив и ги информираше дека се вложуваат максимални напори за спроведување на планот за наводнување, нагласувајќи дека ќе се врши контрола за распределба и рационално користење на водата.

Во врска со субвенциите, тој рече дека финансиската поддршка ќе се спроведува според планот и дека земјоделците ќе ги добијат парите на своите сметки точно кога им се најпотребни.

„Првото барање е да се корегира предложениот план за наводнување на територијата на Општина Чешиново-Облешево, второто барање е да се корегира исплатата на субвенцијата од 6 денари по килограм, така што таа да важи за целиот предаден ориз, а не само за 800 килограми по пријавена површина. Ова беше договорот со надлежните државни органи. Третото барање е што поскоро да се започне со набавка на стоката за резерви“, рече Стојче Ташовски, земјоделец од Облешево.