Пронајдена црната кутија на „Ер Индија“; Бројот на жртви е зголемен, потрагата сè уште е во тек

Црна кутија е пронајдена на местото на падот на авионот на „Ер Индија“ во Ахмедабад, потврди индискиот министер за цивилно воздухопловство Рам Мохан Наиду Кинџарапу, пишува Би-Би-Си.

Црната кутија е пронајдена во рок од 28 часа по падот, соопшти Бирото за истрага на воздушни несреќи (AAIB), кое ја води истрагата со помош на американски и британски експерти.

Боингот 787 Дримлајнер, на летот AI171 од Ахмедабад до аеродромот Гетвик во Лондон, се урна во станбената област Мегани Нагар во четврток, помалку од 60 секунди по полетувањето од меѓународниот аеродром Сардар Валабхаи Пател во 13:39 часот по локално време.

Во несреќата загинаа 241 од 242 лица на бродот, вклучувајќи ги и членовите на екипажот. Единствениот преживеан е британскиот државјанин Вишвашкумар Рамеш (40), кој е во болница со изгореници. Во авионот имало 169 индиски државјани, 53 британски, седум португалски и еден канадски државјанин.

На местото на несреќата, остатоците од авионот се уште се видливи – делови од крилото, опашкиот дел од авионот заглавен во зградата, како и делови од остатоците расфрлани на повеќе од 200 метри. Според лекарите од болницата БЈ во Ахмедабад, идентификацијата на жртвите се врши преку ДНК анализа, бидејќи повеќето тела се тешки за идентификација.

Меѓу жртвите на терен се четворица студенти по медицина и четворица роднини на болнички работници, кои биле на кампусот во времето на несреќата. Авионот што се урна бил стар 11 години и претходно имал повеќе од 700 летови.

Авионот редовно сообраќаше на линии од Мумбаи, Њу Делхи и Ахмедабад до европски и блискоисточни дестинации.

Во последните две години, авионот летал 25 пати од Ахмедабад до Лондон. Генералниот директорат за цивилно воздухопловство на Индија (DGCA) нареди дополнителни безбедносни проверки на флотата на авиони „Боинг 787-8“ и „787-9“ на „Ер Индија“, нарекувајќи го тоа „мерка на претпазливост“.

Бројот на жртви е зголемен, потрагата е сè уште во тек

Бројот на жртви во несреќата се искачи на 274, објави индиската медиумска куќа „NDTV“.

Спасувачките екипи продолжуваат да ја пребаруваат областа во станбена зона на градот Ахмедабад и денес. Спасувачите со специјално обучени кучиња го пребаруваат местото каде што се урна Боингот 787-8, само неколку минути по полетувањето.

Опашката на авионот е сè уште видлива на вториот кат од зградата каде што се урна авионот, каде што живееја лекари и студенти по медицина од блиската болница.

„Официјалниот број на жртви ќе биде објавен дури кога ќе бидат завршени ДНК анализите“, изјави индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах, објави телевизијата BFM.

Индискиот премиер Нарендра Моди, кој доаѓа од државата Гуџарат чиј главен град е Ахмедабад, вчера го посети местото на несреќата и повредените.

„Трагедијата во Ахмедабад нè шокираше и нè растажи сите. Зборовите не можат да опишат колку е тажно“, рече Моди. Компанијата „Ер Индија“, чиј авион се урна, соопшти дека преживеал само еден патник, Британец со индиско потекло.