Протест за оставка на унгарската претседателка во Будимпешта

 Најмалку 1.000 луѓе протестираа денеска во главниот град на Унгарија барајќи оставка од претседателката Каталин Новак поради нејзината одлука да помилува човек осуден за соучесништво во прикривање на случај на сексуална злоупотреба во дом за деца.

Новак одлучи да помилува повеќе од 20 луѓе во април минатата година, пред посетата на папата Франциск на земјата, вклучително и заменик-директорот на домот за деца кој му помогнал на поранешниот директор да ги сокрие своите злосторства.

Директорот е осуден на осум години затвор за сексуално злоставување малолетни момчиња во периодот од 2004 до 2016 година, а неговиот заменик доби казна од над 3 години.

Унгарските опозициски партии побараа оставка од Новак, сојузник и поранешна министерка за семејни прашања во кабинетот на конзервативниот премиер Виктор Орбан.

Таа во вторникот рече дека никогаш не би помилувала педофил, вклучително и во овој случај. Новак истакна дека причината зад нејзината одлука не е јавна и оти „сите помилувања доведуваат до несогласувања по својата суштина“.

Настојувајќи да ги ограничи политичките последици од скандалот, унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија партија ФИДЕС води кампања за јунските избори за Европскиот парламент, доцна синоќа поднесе уставен амандман во парламентот со кој ќе им се одземе условно ослободување на криминалците кои извршиле злосторства врз деца.

– Одлуката за помилување на претседателката на Републиката предизвика дебата. Оваа расправа треба да се заврши на начин што ќе ги смири сите Унгарци“, се вели во текстот на предлог-законот.

Новак рече дека ќе ја потпише промената во законот.

Но, демонстрантите, кои носеа транспаренти на кои пишуваше „Оставка!“ и денеска организираа протестен марш до претседателството во Будимпешта, сметаат дека единствено прифатливо решение би било претседателката да се повлече од функцијата. Новак денеска не беше во претседателството бидејќи е во официјална посета на главниот град на Катар, Доха.