Процесот на пристапување на Србија во ЕУ ќе биде блокиран доколку Вучиќ присуствува на парадата на Путин

Србија би можела да се соочи со блокада во процесот за членство во Европската унија доколку српскиот претседател Александар Вучиќ учествува на парадата за Денот на победата што ќе се одржи во Москва на 9 мај.

Оваа парада, која ја означува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, во последните години стана приказ на руската воена моќ и поддршка за политиката на Кремљ, особено во контекст на војната во Украина.

Европските претставници предупредија дека ваквата посета на земја кандидат за членство во ЕУ би претставувала сериозно кршење на принципите и стандардите на Европската унија, пишува тетелеграф .

Тие сметаат дека учеството на Вучиќ на овој настан е политичка порака што ја доведува во прашање посветеноста на Србија кон заедничката европска надворешна политика, вклучително и санкциите против Русија.

„Некои одлуки имаат цена“, изјави генералниот секретар на естонското Министерство за надворешни работи, Џонатан Всевиов, осврнувајќи се на можната одлука на српскиот претседател да учествува на парадата.

„Последицата е дека тие нема да влезат во Европската унија“, додаде тој, навестувајќи дека таквиот потег може сериозно да влијае на напредокот на Србија кон европската интеграција.

Оваа ситуација ја истакнува растечката тензија меѓу напорите на Србија да одржува добри односи со Русија и нејзините амбиции да се приклучи на Европската унија, што бара јасен и единствен став за руската агресија во Украина.

Инаку, главниот дипломат на Европската унија, Каја Калас, во понеделникот ги повика европските лидери да покажат солидарност со Украина, одбивајќи да одат во руската престолнина Москва.