,,Путин би ја нападнал и Алјаска затоа што веројатно и таа би требало да ѝ припаѓа на Русија!” – Кличко потсети и дека истокот на Германија бил под СССР
Владимир Кличко, поранешен украински светски шампион во бокс и помлад брат на градоначалникот на Киев, Владимир Кличко, го коментираше неодамнешното интервју на рускиот претседател Владимир Путин.
Шефот на Кремљ минатата недела даде интервју за американскиот новинар Такер Карлсон, а Кличко за него зборуваше за германскиот весник Билд некаде на фронтот во источна Украина.
– Го видов интервјуто. Путин сака да го заврти тркалото на историјата и да го промени. Ако САД беа доволно слаби, Путин би сакал да ја нападне и Алјаска и ќе имал причина да го стори тоа. Алјаска некогаш била дел од Русија. Тоа би значело дека таа најверојатно треба да се врати во Русија – изјави Кличко.
Тој оцени дека „Путиновата Русија е злобна“.
– Ако Украина падне, нема да бидеме последната земја што ќе стане жртва на руската инвазија – рече Кличко и додаде дека „Германија често заборава дека нејзиниот исток бил дел од советската империја“.
Според Кличко, претседателот на Русија „не ја променил својата стратегија“.
– Се работи за издржливост. Станува збор за упорност во лагите и тоа го гледаме во руската пропаганда, луѓето продолжуваат да лажат. Тоа можете да го видите преку средствата за масовна комуникација, во мас-медиумите спонзорирани од Русија, во државните медиуми, не само во Русија, туку и во странство – рече Кличко.
Тој додаде дека „за жал, тоа може да се види и во Германија, во Европа, во САД“.
– Тоа е војна која не се води само со дронови, туку и со помош на медиумите. Тие се едно од најопасните и најсилните оружја што постојат – изјави поранешниот светски шампион во бокс.
Билд наведува дека Кличко зборувал и за ситуацијата на фронтот кога е во прашање украинската армија, особено за недостигот на артилериска муниција, беспилотни летала и војници.
Тој рече дека „ситуацијата е исклучително тешка“ бидејќи „секако дека има недостиг на оружје“.
– Извидувачките беспилотни летала одлучуваат за сè на двете страни на фронтот. Има огромна потреба од вакви беспилотни летала, како и од оклопни возила. И сега велат дека нема доволно артилериска муниција. Тоа го слушаме од војниците – рече Кличко.
Тој изјави дека „на крајот недостига и работна сила, војници кои две години не се сменети на фронтот“.
– Немаа можност да се одморат, да бидат со своите семејства, каде што ќе можат да ги „полнат батериите“ – заклучи Кличко.