Путин излезе со „нова верзија“ за тоа кој го извршил нападот на концертната сала во Москва

Четворица осомничени се појавија пред судот во Москва откако вооружени напаѓачи нападнаа концертна сала во петокот, а тројца се изјаснија за виновни за обвиненијата за тероризам. Владимир Путин за прв пат ги опиша напаѓачите како „радикални исламисти“. 

Владимир Путин изјави дека извршителите на нападот на концертната сала во Москва се „радикални исламисти“.

Меѓутоа, рускиот претседател тврди дека пукањето е дел од пошироката кампања на заплашување од Украина, пишува Sky News, пренесува Telegraph.

„Ова злосторство може да биде само една алка во цела низа обиди на оние кои војуваат со нашата земја од 2014 година од рацете на неонацистичкиот режим во Киев“, беше цитиран тој.

Тврдењата дека Украина некако била вмешана во нападот во Москва беа широко отфрлени од аналитичарите.

Но, според него, оние кои го планирале нападот „се надевале дека ќе посеат паника и поделба“ во општеството.

Инаку, четворица обвинети за терористички напад се појавија во судот со знаци на тешко тепање.

Во меѓувреме, бројот на загинатите во нападот на концертот во Москва е зголемен од 137 на 139, соопшти главниот истражител на Русија.

Александар Бастрикин рече дека бројот се зголемил откако две лица повредени во нападот починале во болница.

Тој објави и дека официјално се идентификувани 75 жртви, од кои три се деца.

Бастрикин нагласи дека осомничените кои биле уапсени ја признале вината и соработувале со истражителите.