Путин до Трамп: Русија ќе ја засили офанзивата во источна Украина во наредните 60 дена
Рускиот претседател Владимир Путин го информирал Доналд Трамп дека Москва планира значително да ја засили офанзивата во источна Украина во рок од 60 дена, објави американскиот портал „Axios“ на 14 јули, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со деталите од телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери на почетокот на месецот.
Разговорот, кој се одржал на 3 јули, бил фокусиран на идните потези на Русија на фронтот. Според изворите, Путин бил дециден дека офанзивата ќе продолжи додека Русија не воспостави целосна територијална контрола врз украинските региони што ги смета за „анектирани“. По разговорот, Трамп му изјавил на францускиот претседател Емануел Макрон: „Тој сака сè да преземе“, пренесе „Kyiv Independent“.
Оваа најава доаѓа во време на засилена руска активност во Доњецката област, каде што руските сили се обидуваат да ја пробијат украинската одбрана и да напредуваат кон Дњепропетровск – регион кој досега беше релативно поштеден од директни воени дејства.
Во моментов, Русија контролира околу 20 отсто од украинската територија, вклучувајќи ја речиси целата Луганска област, поголемиот дел од Доњецка, како и делови од Запорижка и Херсонска област. Во 2022 година, Кремљ прогласи анексија на овие територии, врз основа на референдуми што меѓународната заедница ги смета за нелегитимни.
Паралелно со овие случувања, на 14 јули Трамп најави испорака на дополнителни ракетни системи Patriot за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина. Ова е прва директна воена поддршка за Киев што ја најавува неговата администрација, откако тој повторно ја презеде функцијата, што укажува на потенцијален пресврт во неговата политика кон конфликтот.
Иако претходно Трамп повикуваше на преговори и беше претпазлив во однос на воената помош, неговиот најнов потег може да означи посилна ангажираност на САД во поддршката за Украина и нова етапа во односите со Кремљ.