Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одржување трилатерален самит со неговите колеги Владимир Путин и Доналд Трамп, чија цел е унапредување на мировните преговори по повеќе од три години руска инвазија. „Таквиот состанок мора да биде резултат на конкретни договори меѓу двете делегации“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифинг за медиумите на кој присуствуваше новинар на АФП.
Рускиот претседател Владимир Путин веќе ја игнорираше поканата на Зеленски да се сретне со него во Турција кон средината на мај.
На прес-конференција утрово, Володимир Зеленски ја спомена можноста за трилатерален самит со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ако Путин не се чувствува удобно во врска со билатерална средба или ако сите сакаат трилатерална средба, тоа не ме загрижува“, додаде тој.
Зеленски: Русија бара причини да не ја заврши војната
За време на посетата на Берлин, каде што пристигна да разговара со новиот германски канцелар Фридрих Мерц, украинскиот претседател ја обвини Русија за попречување на мировните преговори со барање „причини да не се заврши војната“.
Зеленски ја критикуваше Москва за одложување на изборот на земја домаќин за организирање на нови разговори по неуспешниот прв состанок во Истанбул во мај.
Специјалниот американски пратеник за Украина, Кит Келог, изјави дека разговорите „веројатно“ ќе се одржат во Женева, но Кремљ во средата нагласи дека сè уште не е донесена никаква одлука.
Неговиот портпарол Дмитриј Песков изјави дека подготовката на „меморандум“ што ќе биде испратен во Киев, во кој ќе бидат наведени условите на Русија за траен мировен договор, е „во завршна фаза“.