Путин се сретна со поранешниот командант на „Вагнер“, Трошев, бара формирање доброволни единици во Украина
– Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со поранешниот командант на паравоената група „Вагнер“, Андреј Трошев, и побара од него да формира доброволни воени единици за „специјалната воена операција“ на Москва во Украина, соопшти денес Кремљ.
Состанокот, на кој учествуваше и заменик-министерот за одбрана Јунус-Бек Јевкуров, се одржал синоќа во Кремљ, се наведува во соопштението на прес-службата на Кремљ.
Путин побарал од Трошев да формира доброволни единици кои ќе може да извршуваат различни борбени задачи во зоната на операцијата.
„Вие и самите се борите во ваква единица повеќе од една година, знаете што е тоа, како се работи, знаете однапред за прашањата што треба да се решат за борбените дејствија да се одвиваат на најдобар и на најуспешен начин“, нагласил Путин.
Трошев е пензиониран полковник и поранешен началник на групата „Вагнер“. Тој не го поддржа краткотрајниот вооружен бунт на Евгениј Пригожин против Москва во јуни.
Според портпаролот на претседателот Дмитриј Песков, Трошев сега работи со Министерството за одбрана.
По неуспешниот бунт, Путин на 29 јуни имаше тричасовна средба со 35 команданти на „Вагнер“ и им понуди да продолжат да служат во армијата под водство на Трошев, но Пригожин одби.
На 23 август, приватен авион што леташе од Москва за Санкт Петербург се урна во руската Тверска Област, при што загинаа сите во авионот, меѓу кои и Пригожин и воениот командант на „Вагнер“, Дмитриј Уткин.