Работен состанок на претседателот на Врховниот суд со претседателите на четирите апелациони судови за предметите од висок јавен интерес
Прашањата за постапувањето по предметите од висок профил и од висок јавен интерес беа тема на разгледување и на дискусија на денешниот работен состанок во Врховниот суд меѓу претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и претседателите на четирите апелациoни судови во државата.
Адеми, како што информираат од Врховниот суд, ја истакна важноста на прашањето кое се дискутираше, нагласувајќи дека постапувањето и одлучувањето по предметите од јавен интерес говори за ефикасноста на судството, но и во голема мера влијае врз довербата на судството која континуирано е нагласена во релевантните извештаи.
Во оваа насока, на работниот состанок беше заклучено дека по предметите од висок јавен интерес мора да се постапува ефикасно и ажурно и во согласност со законот, а со цел да не настапи нивна застареност.
„По предметите од висок јавен интерес ажурно да се постапува и одлучува во согласност со законот и прописите, а со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил. Ажурното постапување и одлучување по предметите од јавен интерес да биде составен дел од планот за работа на судовите, внатрешните процедури и планираните активности во согласност со стратешките документи за независноста на судството, интегритетот на судиите, транспарентноста, борбата против корупцијата и напредокот на земјата во делот на правосудството. Да се направат напори од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија да се пополнат испразнетите судиски места, што непосредно влијае врз ефикасното работење на судовите“, гласи Заклучокот од работниот состанок.
Претседателката на Врховниот суд, Адеми, посочи дека како претседател на Врховниот суд и при претходните работните состаноци на апелационите судови укажала на важноста на ова прашање.