Радев му кажал на Мицкоски дека се надева на забрзано спроведување на договорите

Според она што го пренесуваат бугарските медиуми, Радев мислел на Договорот за добрососедство и на „договорите кои земјата (Северна Македонија н.з.) ги има со Европската унија“

Радев имал и средба со албанскиот премиер Еди Рама, на кого му честитал за успешно спроведениот попис, кој им дал шанса на Бугарите во Албанија слободно да ја искажат својата припадност. На последниот попис во Албанија се регистрирани само 2 281 Македонец и за првпат, 7 957 Бугари, за кои македонските здруженија во Албанија обвинуваат дека се Македонци кои земале бугарски пасош и биле под притисок да се попишат како Бугари

Бугарскиот претседател Румен Радев имал средба со премиерот на Македонија на Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство, објавија попладнево дел од бугарските медиуми. Дека имало средба, попладнево објави и премиерот Христијан Мицкоски.

Но, за разлика од Мицкоски кој не соопшти и детали што разговарал со Радев, бугарските медиуми пренесуваат барем по неколку реченици за разговорот, се разбира од перспектива на тамошниот претседател.

„За време на разговорите со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, Радев изразил надеж дека Македонија ќе го забрза спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите кои земјата ги има со Европската унија, со што ќе се отвори перспективата за почеток на преговори за полноправно членство со ЕУ“,пренесува агенцијата БТА.

Во својата изјава по средбите со повеќе државници, меѓу кои и со Радев, Мицкоски не соопшти детали. Во видео обраќање само кажа дека односите со Бугарија се „главен приоритет“.

„Главен приоритет на Македонија и на новата македонска Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед“,кажа Мицкоски во видео обраќање.

Од изјавата и на Мицкоски и на Радев не може да се заклучи во каква атмосфера поминала средбата, особено ако се знае и ставот на македонскиот премиер кој пред само два дена, во интервју за ТВ Сител, изјави дека не може Бугарите да влезат во Уставот на Македонија како што земјава се обврза, ако Бугарија не ги спроведе препораките на Европскиот суд за човекови права и да им даде колективни права на Македонците во земјата. Бугарија досега се брани дека според нивниот устав, не доделуваат колективни права во тој поглед, туку само индивидуални. Познати се и ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за репреговарање на преговарачката рамка со ЕУ.

Прашањето за правата на Бугарите во Македонија и на Македонците во Бугарија не се единствените спорни прашања меѓу Скопје и Софија, па со тоа и потенцијално спорни точка за разговор.