Разговор Ердоган – Путин: Потребна е целосна истрага за експлозијата на браната „Каховка“

 – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека е важна сеопфатната истрага за експлозијата на браната „Каховка“ во Украина, на начин кој не остава простор за сомнение.

Во телефонскиот разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, Ердоган рече дека може да се формира комисија со учество на руски и украински експерти, Обединетите нации и меѓународната заедница, вклучително и Турција, објави Директоратот за комуникации на Турција.

По експлозијата беше објавена вонредна состојба на двете страни на браната – едната страна контролирана од Русија, а другата од Украина.

Русија и Украина во вторникот меѓусебно се обвинија дека ја оштетиле браната „Каховка“, што доведе до поплавување на соседните населени места.

Москва ја обвини Украина дека се обидела да го отсече Крим од слатката вода што ја добива од резервоарот „Каховка“, формиран од браната, додека Киев тврди дека Русија се обидува да ја забави очекуваната контраофанзива.

Истакнувајќи ја важноста што целиот свет му ја придава на продолжувањето на Договорот за транспорт на жито преку Црното Море, Ердоган рече дека договорот воспоставен со заеднички напори игра витална улога во справувањето со глобалната криза со храна.

Ердоган, исто така, му кажа на Путин дека продолжувањето на консултациите со ОН за отстранување на пречките за извоз на руско жито и ѓубрива е корисно.

Нагласувајќи дека Турција е решена да продолжи да ги прави потребните напори за воспоставување мир меѓу Москва и Киев, Ердоган рече дека Анкара е подготвена искрено да ја даде сета потребна поддршка за ставање крај на судирите.