Рама во Брисел на средба со Мишел и Лајен, ден пред посетата на Блинкен на Тирана

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел ќе се сретне со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јави Еуроњуз Албанија.

Средбите се случуваат две недели пред самитот за Украина, на 28 месецов и средбата на лидерите од Западен Балкан, во рамките на планот за раст на земјите од Западен Балкан од страна на Европската комисија, следниот ден, што ќе се одржат во Тирана.

-Исто така средбите се ден пред посетата на Албанија на американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој потоа заминува за Минхен на Конференцијата за безбедност. Предвидени се средби со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Рама, на кои фокусот ќе биде ставен на иднината на Албанија и на Западен Балкан. Тој во Тирана ќе пристигне во 11 часот и ќе остане околу 8 часа, наведува телевизијата.

Антони Блинкен ќе стане шестиот државен секретар на САД кој ќе дојде во официјална посета на Албанија, по Џејмс Бејкер во 1991 година, Медлин Олбрајт, во 2000 година, Колин Пауел, 2003, Хилари Клинтон во 2012 и Џон Кери 2016 година.