На денешната владина седница ќе се разгледува ребалансот на буџетот, најави премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на прашања за тоа каде ќе има кратења, а каде ќе има повеќе пари со новиот ребаланс. Тој нагласи дека новиот ребаланс на буџетот ќе вклучува повеќе пари за општините, повисоки плати, пензии и здравство.
„Постојат средства за тие проекти, кои се во рамките на единиците на локалната самоуправа, средства за повеќе субвенции, повисоки плати, пензии итн., и здравство. Но, потоа, да речеме по усвојувањето на Предлог-буџетот во прво читање во рамките на владината седница, претпоставувам дека ова ќе биде разјаснето пред медиумите“, изјави Мицкоски.
На прашањето за извештајот на Државниот завод за статистика во врска со земјоделството, каде што се бележат поголеми вложувања и поголеми аутпути и тоа е позитивно за земјоделците и што можат да очекуваат од ребалансот на буџетот, Мицкоски одговори дека ова е апсолутно точно, има зголемување на цените за откупувачите и повеќе пари за земјоделците во нови инвестиции.
„Ова е апсолутно точно и ова го покажува новиот извештај на Државниот завод за статистика и имаме двоцифрено зголемување на производството, имено зголемување на цените за купувачите, што генерално оди за извоз и би рекол незначително зголемување од 1,2 проценти на инпутот, ова во расходите, на страната на трошоците на земјоделците и ова се случува веќе неколку месеци и ова е одличен, одличен параметар. Ова значи повеќе пари за инвестиции, повеќе пари за земјоделците“, рече Мицкоски.
Во врска со поддршката што ја дава Владата, премиерот Мицкоски нагласи дека минатата година за земјоделците се обезбедени повеќе од 8,6 милијарди денари.