Минатата година во државава имало 58 правни субјекти кои се занимавале со обложување, или коцкање, а вкупниот приход што го направиле е 48.778.104.541 денар, или речиси 800 милиони евра!
Толку пари, значи, оставиле граѓаните на оваа забава, која за некого, за жал, е тежок порок.
Како и да е, ниту коцкањето, ниту спортското обложување не е забрането, има долга историја во светот, а на компаниите што работат во Македонија им донело чиста добивка од 70,4 милиони евра, покажува анализата на порталот „Пари“.
Компаниите кои се занимаваат со обложување и игри на среќа имаат дури 7.745 вработени, и се сериозен полнач на државната каса што со придонеси, што со даноци. За нив често се кршат копјата околу отворените прашања, како што се: треба ли да ги има во толкав број, треба ли да се менува регулативата за нивната одалеченост од училиштата…
Но, додека копјата се острат и тапат, бизнисот се шири и ако нешто во државава се гради, тоа се, дефинитивно, објекти за игри на среќа и обложување.